Поранешната манекенка Ејми Дорис тврди дека американскиот претседател, Доналд Трамп, сексуално ја вознемирувал во 1997 година.
Таа вели дека инцидентот се случил за време на турнирот на САД опен во 1997 година, а Дорис тврди дека Трамп ја допирал и бакнувал. Настанот се случил пред тоалетот во ВИП-ложата на Трамп во Њујорк.
Дорис тогаш имала 24 години. Таа тврди дека Трамп цврсто ја држел за да не може да побегне. Вели дека јазикот ѝ го ставил во устата и дека не можела да се помрдне. За целото тоа време тој ја допирал по телото.
„Само го стави јазикот во мојата уста додека јас се обидував да го оттргнам. Тогаш неговиот стисок стана силен. Ме допираше насекаде, по моите колкови, задникот, градите, грбот, насекаде. Бев притисната и не можев да се извлечам“, вели Дорис.
Доналд Трамп преку своите адвокати ги отфрли ваквите обвинувања. Дорис сега живее на Флорида, а нејзините наводи ги потврдија и лицата на кои таа им се доверила за тој инцидент.
По инцидентот, Дорис веднаш ѝ се јавила на мајка си и на пријателите. Таа денес има 48 години и е мајка на две ќерки. Призна дека поминала неколку дена со Трамп во септември 1997 година кога со нејзиниот тогашен дечко Џејсон Бин била на продолжен викенд во Њујорк.
Дорис вели дека сериозно размислувала за јавно да проговори уште во 2016 година кога и други жени излегоа во јавноста со тврдења дека биле сексуално вознемирувани од страна на тогаш републиканскиот кандидат за претседател на САД.
Но тоа не го направила затоа што се плашела за безбедноста на своето семејство, односно двете ќерки близначки.
„Тие сега имаат 13 години и се доволно зрели за да знаат дека не смеат да дозволат никој да им прави нешто што тие нема да му го дозволат, особено нешто што е непристојно“, изјавила Ејми за „Гардијан“.