Тимот на Дуа Липа ќе ја избере британската песната за Евросонг, годинава беа последни

Тимот што стои зад Дуа Липа и Лана дел Реј ќе ја избере песната со која Велика Британија ќе се натпреварува на Евровизија во Италија в година оти оваа година таа заврши на последното место. „Тап менаџмент“ се грижи и за кариерите на Ели Гоулдинг и Хејли Штајнфелд, па ќе го преземе изборот на песна и кандидат, пренесе Би-би-си.

На годинешниот Евросонг во Холадија, Џејмс Њуман не освои ниту еден поен со песната „Емберс“, со што Британија го продолжи лошиот пласман на натпреварот. Ниту еден учесник од Британија не се најде на топ-10 листата од 2009 година наваму, од настапот на Џејд Ивен.

„Тап менаџмент“ постои од 2009 година кога тогашниот адвокат Бен Мусон ја запозна Лана дел Реј и ѝ помогна да избега од неповолните договори што ги потпишала на почетокот на својата кариера. Сфаќајќи го нејзиниот потенцијал, тој се здружи со Ед Милет, искусен музички менаџер, и заедно ѝ помогнаа на Дел Реј да се позиционира како една од најдобрите музичарки на таа генерација уметници.

Нивната компанија оттогаш се прошири во Лондон, Берлин, Сиднеј и во Лос Анџелес, а истовремено формираа и своја издавачка куќа.

„Навистина сме возбудени што ќе се здружиме со Би-би-си за овој настан и ќе ја искористиме Евровизија за автентично да ги одразиме и славиме богатите, разновидни и светски таленти по кои Велика Британија е глобално позната“, рече Мосон и додаде дека процесот на избор на изведувач и песна не е едноставен.

„Мислам дека Евровизија не е толку политичка како што мислат луѓето“. Треба да се фокусираме да добиеме навистина посебна музика и навистина посебен уметник што ја претставува Британија на најдобар можен начин. Сè уште не знаеме дали тоа ќе бидер нов уметник или познат артист, но сакаме да се осигуриме дека ова ќе биде навистина позитивно искуство“, додаде тој.

И покрај лошиот пласман последниве години, Евровизија во Британија и понатаму предизвикува интерес кај гледачите.

За потсетување, на годинешниот Евросонг победи италијанскиот рок-бенд „Манескин“, чија песна Zitti E Buoni стана топ-20 хит во Велика Британија. Следната Евровизија ќе се одржи во Торино, Италија, во арената „Пала олимпико“, на 10, 12 и 14 мај. На изборот ќе учествуваат 41 земја, две повеќе од лани, откако Црна Гора и Ерменија најавија дека ќе се вратат в година.

Scroll to Top