Трамп доби дозвола од локалните власти да живее во својот клуб Мар-а-лаго во Флорида

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп доби дозвола од локалните власти да живее во својот клуб Мар-а-лаго во Палм Бич на Флорида.

Тој веднаш се смести тука, откако ја напушти Белата куќа. Неговиот адвокат на состанокот на градскиот совет на Палм Бич, минатата недела, објасни дека Трамп бил вработен во клубот и дека испочитуван бил договорот кој важел со децении наназад.

Според тој договор, во Мар-а-Лаго не смее да живее некој кој не работи на тоа место. Трамп во меѓувреме ја поврати функцијата претседател на корпорацијата Мар-а-Лаго, што му овозможува постојано да остане во клубот.

Трамп го купи Мар-а-Лаго во 1985 за 10 милиони долари и оттогаш понекогаш престојуваше тука во зимскиот период. Откако замина од Белата куќа, тој се пресели на ова место.

Тоа не им се допаднало на некои од соседите, кои тврдеа дека тој го прекршил договорот постигнат пред речиси 30 години, со кој имотот беше претворен во приватен клуб. Според договорот, никој не може да остане во гостинските соби повеќе од 21 ноќ годишно.

Откако стана претседател на САД, Трамп никогаш не ги препушти сопствеништвото и законската контрола врз своите имоти и бизниси, но се повлече од своите официјални позиции.

Scroll to Top