Трамп го приреди првиот ифтар во Белата куќа

Американскиот претседател Доналд Трамп ја организирал во Белата куќа првата вечера за светиот месец рамазан. Останува фактот дека минатата година Трамп избегнал да биде домаќин на ваквата вечера, па сега ваквиот потег претставува вистинско изненадување за муслиманската заедница.

Трамп на муслиманите во светот им посакал среќен празник и им испратил порака во која нa муслиманската заедница во САД и странство им понудил обединување.

„Се собравме заедно оваа вечер да ја почитуваме светската традиција на една од најголемите светски религии“, изјавил Трамп пред собраните, меѓу кои биле и амбасадори од многубројни држави каде што муслиманите се мнозинство. На вечерата имало претставници од Саудиска Арабија, Кувајт, Јордан и Обединетите Арапски Емирати.

Ова е голем пресврт во неговата реторика бидејќи во текот на претседателската кампања Трамп повикал на целосна забрана на влез на муслиманите во САД говорејќи дека исламот ги мрази Американците.

За време на вечерата неколку муслимански невладини организации организирале протести пред Белата куќа наведувајќи дека реториката на Трамп придонела за зголемување на насилството и дискриминацијата на муслиманските Американци.

Во Белата куќа ифтарот се организира уште од администрацијата на поранешниот претседател Бил Клинтон, а оваа традиција ја прекинал Трамп минатата година кога наместо вечера, издал соопштение по повод исламскиот празник.

Scroll to Top