Уапсено лицето кое сакало да го отруе Трамп и американските генерали

Вилијам Клајд Ален Трети од Јута е задржан во притвор од страна на властите поради сомнение дека е поврзан со испраќање писма со отров до официјални лица на Пентагон и претседателот Доналд Трамп.

Властите стравувале дека во писмата имало отров рицин, јавува „Ројтерс“ повикувајќи се на извори блиски на полицијата. Неименуван извор напоменува дека најверојатно до петок нема да биде подигнато обвинение.

Вилијам е ветеран од американската морнарица, а бил уапсен во градот Логан во Јута. Во соопштението на ФБИ е наведено дека во моментов се истражуваат потенцијално опасните хемикалии во Логан, кој се наоѓа на 106 километри одалеченост од Солт Лејк Сити.

Во соопштението исто така е дополнето и предупредување за луѓето да ја избегнуваат оваа област додека не се утврдат сите детали во истрагата.

„Во овој момент не постои поголема закана за безбедноста на јавноста“, се наведува во соопштението.

Претходно портпаролката на Пентагон, Дејна Вајт, изјавила дека сомнителната супстанца во ковертите, кои се испратени во објектот на Пентагон за сортирање  пошта, не била само отров рицин туку дека имало и билки од кои истиот се добива.

„Ројтерс“, повикувајќи се на неименувани амиеркански официјални извори, пренесува дека американските истражители речиси го исклучиле тероризмот како мотив за испраќањето на овие писма.

Пентагон ја примил поштата за која се сомневало дека го содржи отровот рицин, како и писмото упатено до американскиот министер за одбрана.

Неименувано официјално лице изјави за „Гласот на Америка“ дека Пентагон ги примил двата коверта, од кои едниот бил испратен до Матис, а другиот до главната команда на крајбрежните операции, до адмиралот Џон Ричардсон.

Рицинот може да предизвика смрт од 36 до 72 часа од внесувањето на само мала количина од истиот и за него не постои противотров.

 

 

Scroll to Top