Оригинален италијански рецепт за лазањи

Италијанците, а и целиот свет, смета дека лазањите потекнуваат од Болоња, но вистината е дека настанале во Грција. Името го добиле по глинената тепсија во која се печеле lasanon.

Италијанците малку го доработиле рецептот, а како што минувале годините, редовно го приготвувале и така лазањите станале нивно традиционално јадење.

Потребни состојки:

500 грама кора за лазањи

За сосот рагу:

250 грама мелено јунешк од бутот

250 грама мелено свинско од бутот

500 грама сос од домати (најдобро е домашен ако имате)

1 главица кромид

1 чешне лук

½ шолја ситно сечкан корен од целер

½ шолја ситно сечкани моркови

1 поголем лавров лист

За сосот бешамел:

1 лажица путер

1 литар свежо млеко

2 супени лажици брашно

мускатно оревче

шолја свежо рендан пармезан

 

Приготвување:

За редење на лазањите ви треба правоаголна тепсија, може и огноотпорен сад. Потоа пригответе го сосот рагу.

Сос рагу: Пропржете ги ситно сечканиот кромид, лукот, морковот и целерот на маслиново масло. Додајте мелено месо и пропржете го, па ставете сол и црн пипер. Потоа додајте сос од домати и лавров лист. Поклопете го да се крчка половина час.

Сос бешамел: Стопете путер во тефлонско тавче, тргнете го од ринглата и додајте брашно. Вратете го на ринглата и мешајте интензивно додека не добиете соединета смеса. Повторно тргнете го од ринглата и полека додавајте ладно млеко со непрекинато мешање за да не се направат грутки. Додавајте по малку млеко секогаш кога смесата ќе стане хомогена додека не го потрошите млекото.

Вратете го на ринглата и мешајте додека сосот не добие густина на јогурт. Посолете, додајте црн пипер и рендано мускатно оревче.

Подмачкајте ја тепсијата со масло и наредете го првиот ред кори за лазањи. Ставете ред месо врз корите, лажица рендан пармезан и лажица бешамел и сос рагу. Повторувајте ја постапката додека не се потроши филот.

Кога корите ќе ви бидат при крај, ставете само бешамел и пармезан, а на последната кора додајте малку сос од домати.

Печете во рерна 20 минути на 180 степени.

Scroll to Top