Оригинален рецепт за ајвар

Потребни состојки:

10 кг црвени пиперки
3 големи модри патлиџани
500 мл масло
сол по желба
1 голема лажица шеќер

Начин на подготовка:

Испечете ги пиперките на шпорет на дрваа. Веднаш по печењето, ставете го во пластични ќеси за да омекнат и полесно да се лупат. Кога ќе се оладат малку, излупете ги и исчистете ги од семки, па ставете ги во голема цедалка или мрежеста вреќа, која ќе ја закачите за да се исцедат пиперките (потребни се најмалку 3 часа за цедење, а може да ги оставите и преку ноќ). Испечете ги модрите патлиџани, па и нив излупете ги и оставете ги да се цедат. Исцедените пиперки и патлиџани сомелете ги со рачен апарат за мелење месо, па сето тоа префрлете го во голем лонец и ставете го на тивок оган. За време на готвењето, непрекинато мешајте, а маслото постепено ставајте го по 100 мл на секои 20 минути. Мешајте непрекинато, бидејќи маслото не смее да излезе на површина.

Најлесно ќе проверите дали ајварот е готов, ако поминете со дрвена лажица по дното на лонецот, по што треба да создаде пат од лажицата, односно треба да го видите дното на тенџерето. Солта и шеќерот додајте ги пред самиот крај, односно во последните 20 минути од готвењето.

Во меѓувреме, додека ајварот се прави, треба да ги подготвите теглите. Загрејте чисти тегли на 50 степени и во нив сипете го ајварот додека уште е топол. На врвот од секоја наполнета тегла ставете малку масло и затворете ги со капак, па оставете ги во кутија и покријте ги со чаршав. Оставете ги покриени постепено да се ладат 24 часа, а потоа тргнете ги на ладно и мрачно место.

Scroll to Top