Традиционален унгарски колач – киртешкалач

Најпопуларниот унгарски колач, киртешкалач, е познат и како „колач-оџак“ или „свадбен колач“.

Потребни состојки:

1 коцка квасец
1 лажичка шеќер
1 лажичка брашно
50 милилитри млеко
2 јајца
5 лажици шеќер
2 кесички ванилин шеќер
прстофат сол
120 грама маргарин
околу 700 грама брашно
1 јајце за премачкување

За преливот:

300 грама шеќер
по желба мелени ореви, цимет, шеќер, кокос, чоколадо

Начин на подготовка:

Измешајте го квасецот со лажичка шеќер, лажичка брашно и топло млеко, па оставете го да стаса. Со миксер изматете ги јајцата со шеќерот, ванилиниот шеќер и солта, па додајте маргарин, нараснатиот квасец и потоа направете мазно, средно тврдо тесто. Покријте го садот со кеса и оставете го тестото околу 45 минути да нарасне.

Истурете малку брашно на работната површина, па премесете го тестото. Потоа, раширете ја кората, така што ќе биде дебела околу 5 милиметри и исечете ја на ленти со ширина од околу 1,5-2 сантиметри. Завиткајте празни лименки со алуминиумска фолија, па потоа завиткајте ги лентите тесто околу лименките, така што круговите тесто ќе се преклопуваат по малку. Лентите се спојуваат без проблем, а ако е потребно, внимателно притиснете го тестото за да се залепат лентите една со друга. Кога ќе завршите со виткање, со четкичка премачкајте ги колачите со изматено јајце и наредете ги лименките во тава за печење, но внимавајте да не се допираат. Редете ги лименките исправено, со отворот нагоре.

Печете околу 15 минути во претходно загреана рерна на 180 степени. Во меѓувреме, направете густ сируп од 300 грама шеќер и малку вода. Загревајте додека не се стопи шеќерот. Тргнете го од рингла штом се стопи шеќерот и оставете го да се излади малку.

Оставете ги колачите да се изладат неколку минути, па внимателно извлечете ги од лименките. Лесно се вадат додека се млаки. Извалајте ги колачите во топлиот сируп, па во прелив по желба. Можете да користите ореви, ванилин шеќер, цимет, рендано чоколадо, кокос или мелени наполитанки. Унгарците често ги полнат колачите со сладолед.

Scroll to Top