Богаташи што се ситничарите за 100 денари, на сите тие пари носите ситна душа

Сте забележале ли како луѓето кои имаат најмногу пари истовремено поседуваат и најмалку дарежливо срце? Тоа нема никаква врска со домаќинско работење или економично штедење.

Има врска само со едно – невидена лакомштина и скржавост.

Кога некој ќе рече – па затоа и имаат, косата ви се крева нагоре. Одеднаш се најдовме во свет во кој треба да им аплаудираме на богатите циции.

Одбивам да ви аплаудирам кога на сите тие пари што ги имате, кога се донира за подарок за некој колега или пријател се криете или негодувате како 150 денари биле премногу. А тој што има најмалку секогаш прв дава пари без никаков проблем.

Одбивам да ве оправдам кога стоите половина час пред касата и се ценкате со касиерката да не ви додала случајно 5 денари на сметката повеќе. До принципот било, секогаш глумите некои принципи, без да признаете колку ве жегнуваат тие 5 денари вишок што сте ги дале и не ви даваат мир.

Почесно и пофер би било да кажете – таков сум, скржав сум, не сакам да трошам ништо. И простено ќе ви биде. Ама вие глумите некоја големина, се преправате дека не ви е гајле за пари, додека упорно ги ставате на мегдан сите скапи работи кои ги поседувате – телефонот, чантата, чевлите. Арно зглобот не ви се вкочани од тоа вртење да го забележиме прескапиот брендиран часовник кој го носите, за кого и онака никому не му е гајле.

Се обидувате да импресионирате некого, сакате луѓето да ве почитуваат и уште полошо – да ви се плашат заради вашата големина, а носите толку ситна душа што е просто смешно.

Како да имам почит за некого кој кани луѓе на вечера, а инсистира да се подели сметката до денарче? За некој кој не почестил кафе во животот и само гледа начин како да добие нешто без да го плати?

За човек што прв се бутка да земе од шведската маса како да не видел храна во животот, а ваму уште ти соли памет како не признавал ништо подолу од горгонѕола и моцарела.

Кого лажете, себеси или другите? Зарем не гледате колку смешно и патетично изгледате отстрана?

Први сте за гратис, први сте за гага. На сите пари кои ги имате, ваквото однесување е срамно и жално.

Не сте купиле билет за концерт во животот, па уште им се потсмевате на оние што чесно си купиле карта на стоење, додека вие мавтате од ВИП сепарето. Па уште со некоја надменост и понижувачки погледи.

Да, вие сте оние што не купиле кафе и шеќер на работа со години, што се „гагате“ и „гребете“ од другите, ви се припи топло чајче, инаку не пиете, ама ете сега ви се присака, па бесрамно земате од другите што имаат 5 пати помалку од вас. Благце ви се пријаде, а не сте купиле никогаш, ајде сега на цигара, ах, немам, ќе може една? Или две, или пет?

Вие сте таа група на луѓе што доколку превезете некого од точката А до точката Б, макар биле и 5 km ќе побарате пари за возврат. Дотолку сте бесрамни и немате жал за оние кои понесреќните од вас, кои одвај скрпуваат крај со крај. А тие кутрите не се сиромашни за 100 денари колку што ќе им земете, за многу повеќе се, ама не се даваат.

Вие сте тие кои нарачуваат најмногу во ресторан, а на крајот сметката инсистирате да се подели „кафеански“, на еднакви делови, како што е редот.

Вие сте тие кои никогаш не честите за никаков повод, секогаш ве снемува кога треба да се плати или почести, болни сте, ви искрснува нешто.

Без пардон вие сте најлошата сорта луѓе со коишто сме опкружени и уморни сме од вашето ниво,уморни сме од вашиот квалитет и педигре. Не сте единствените кои поседуваат убави работи, кои прошетале некаде, коишто знаат што е убаво, скапо и квалитетно.

Има многу луѓе такви. Разликата е што се воспитани и дарежливи, што го делат и последното со пријателот. Што ќе му помогнат на секој кој е во неволја.

Што ќе му ги остават последните ситни пари бакшиш на келнерот. Што први ќе дадат пари на музиката. Луѓе со срце и душа, луѓе кои знаат да споделуваат, подаруваат и да живеат.

Вие бројте си ги златниците сами во најтемната дупка. И внимавајте некој да не ве прелаже за 5 денари, сепак се навистина големи пари.

Извор/Црно Бело

Scroll to Top