Космонаутот Сергеј Крикалев го заборавија во вселената и тој стана последниот советски државјанин

Во времето кога се распаѓаше Советскиот Сојуз, астронаутот Сергеј Крикалев беше во вселената. Тој во орбитата помина два пати повеќе време од предвиденото, оти новата држава, Русија, не беше во состојба да го врати на Земјата. Неговиот привремен дом беше станицата „Мир“.

Во светот му го дадоа прекарот „последниот државјанин на СССР“. Во 1991 година супердржавата се распаѓаше на 15 дела, а на Крикалев му беше кажано дека не може да се врати дома, бидејќи државата што ја напушти, повеќе не постои. На Црвениот плоштад во Москва стоеја тенкови, на мостовите се креваа барикади, а тогашниот претседател Михаил Горбачов беше на одмор. Крикалев остана да живее во вселената, без надеж дека некогаш пак ќе се врати дома.

Четири месеци претходно, 33-годишниот космонаут инженер Крикалев, како член на советскиот екипаж се упати на орбиталната станица „Мир“. Полетува од советскиот космодром Бајконур во Казахстан. Се сметаше дека неговата мисија ќе трае вкупно пет месеци, а неговиот организам беше трениран и подготвен токму за толкав период. Но, во меѓувреме се случи пучот во СССР.

„За нас космонаутите тоа беше сосем неочекувано“, се присетуваше Крикалев подоцна. „Не сфаќавме што се случува. Во разговорите се обидувавме да предвидиме како тоа ќе влијае на нашето освојување на вселената“.

А новата ситуација имаше силно влијание на неговиот престој во вселената.

„Нема пари за твоето враќање“, му било кажано на Крикалев кога почнале немирите. По еден месец го добил истиот одговор: „Државата бара од него малку да се задржи во вселената“. По месец дена истото. „Тие знаат дека тоа за мене, за моето здравје не е лесно. Но, државата сега е во уште потешка ситуација, а приоритет е да заштеди пари“, рекол Крикалев во интервју за магазинот „Дискавер“ неколку години по враѓањето.

Долго чекање за назад

Вистината е, меѓутоа, дека Крикалев можел да се врати дома без чија било помош, бидејќи ја имал на располагање капсулата „Радуга“ за лет во еден правец. Но, неговото заминување од станицата „Мир“ ќе значело дека нејзиното работење се запира, бидејќи на станицата немало друг инженер.

„Размислував дали ќе имам доволно сила да издржам. Не верував дека ќе можам“, признал тој. Ризикот бил голем: мускулна атрофија, радијација, онколошки болести.

Со 311 ден или 10 месеци поминати во вселената, Сергеј Крикалев постави светски рекорд. За тоа време беа планирани четири експедиции, а реализирани две. Но, во ниту една од нив немаше место за нов инженер што ќе го замени.

Во потрага по пари, Русија продаваше места во ракетата „Сојуз“, на Австрија за 7 милиони долари или на Јапонија за 12 милиони, но таа во вселената испрати новинар. Се размислуваше и за продажба на „Мир“ додека сѐ уште функционира. Со други зборови, сите членови на екипажот кои одеа во вселената се враќаа на Земјата, а Сергеј, како единствен инженер, не можеше да се врати.

„Молев барем да ми испратат мед, да ми се поправи расположението. Немаше ниту мед. Ми испратија лимон и рен“, се сеќава тој.

Враќање по 10 месеци

Крикалев се врати на Земјата на 25 март 1992 година, откако Германија плати 24 милиони долари за својот астронаут инженер да го замени.

„Од капсулата на ‘Сојуз’ извлекоа човек на чија униформа имаше четири букви – СССР и црвено советско знаме, бел како брашно и испотен како влажно тесто“, пишуваа западните медиуми.

За „вселенската жртва“ на Крикалев дозна целиот свет. Четворица му помогнаа да застане на нозе. Еден го загрна со капут, друг му подаде чинија со супа. Додека Крикалев беше во вселената, околината на градот Аркалих, каде што се приземји тој, веќе не беше советска земја, туку дел од независната Република Казахстан. Градот во кој живееше пред да полета во вселената веќе не се викаше Ленинград, туку Санкт Петербург. Додека тој направи 5000 круга околу Земјата, неговата држава стана помала за 5 милиони квадратни километри, а Комунистичката партија, која беше единствена партија во земјата повеќе од 70 години, сега стана само една од многуте. Неговата плата од 600 рубли, која пред летот во вселената важеше за една од подобрите во државата, сега не беше ни половина од месечната заработка на обичен возач на автобус.

„Промените и не се толку радикални“, рече Крикалев неколку дена по приземјувањето. „Живеев на територијата на Русија додека беше во состав на СССР. Се вратив во Русија во состав на Заедницата на независни држави“.

Крикалев потоа доби орден „Херој на Русија“, а по две години повторно полета во вселената, како првиот руски космонаут во американски шатл.

Неколку години по ова, тој стана и првиот руски космонаут што влезе во новата Меѓународна вселенска станица.

Scroll to Top