Шведска без да ги затвори училишта, градинките, рестораните, ја доби битката со коронавирусот

Лани во април Шведска беше помеѓу десетте најтешко погодени земји од пандемијата со коронавирус. За разлика од тогаш, таа денес е многу подобра од повеќето европски земји, применувајќи стратегија со многу помали ограничувања.

Шведска денес стои подобро од повеќето европски земји, и според вкупната смртност од Ковид-19 и според вишокот на смртност во пандемијата, но и според падот на економските активности. Таа никогаш не ги затвори основните училишта и градинките, продавниците, трговските центри, рестораните и кафулињата, кината, јавниот превоз, спортските сали, скијачките центри и други активности, не даде наредба за никаков локдаун или задолжително носење маски, ниту, пак, ги затвори границите.

Во последниот месец, на национално ниво се регистрирани 1.500 до 2.100 нови инфекции неделно, додека во најлошите пандемиски денови, кон крајот на декември 2020 година, имаше до 10.000 нови случаи за 24 часа.

За потсетување, минатиот април во Шведска дневниот број на смртни случаи се искачи над 100, над 500 пациенти заразени со коронавирус беа на интензивна нега, а особено тешка беше состојбата во домовите за стари лица. Тоа предизвика бурни реакции во светската јавност, која не можеше да поверува дека главниот државен епидемиолог, Андерс Тегнел, ја прифати стратегијата со многу препораки, но со многу малку реални ограничувања.

Многу експерти веруваа дека Шведска експериментира со сопствената популација, дека десетици или дури стотици илјади луѓе ќе починат до лето и дека болничкиот систем ќе се распадне под наездата од пациенти. Во тоа време, пандемијата беше во подем и немаше никакви вакцини, ниту напредни медицински третмани.

Еден од познатите шведски епидемилози, Јохан Гизеке, ментор на Тегнел, тогаш ладнокрвно изјави: „Локдаунот не може да функционира во демократски земји, односно, во најдобар случај, може да се воведе како еднократна и краткорочна мерка, како еден куршум кој треба да се испука во вистинско време. Не постои научна основа за повеќето епидемиолошки мерки кои се воведуваат ширум Европа. Стапката на смртност од Ковид-19 во цела Европа за една година ќе биде приближно  иста, разликите ќе бидат најмногу околу 20 отсто“.

Scroll to Top