Научниците открија колку трае имунитетот по прележување на коронавирусот

Научниците се согласуваат дека имунитетот трае најмалку осум месеци по прележана инфекција со коронавирусот. Човечкото тело обично одржува силен имунолошки одговор на коронавирусот најмалку осум месеци по инфекцијата и потенцијално подолго, велат научниците во студијата објавена во списанието „Science“.

Анализата покажа дека околу 90 проценти од испитаните пациенти развиле долготраен и стабилен имунитет по закрепнувањето од Ковид-19.

Едно од најчестите прашања во врска со коронавирусот, кое се појави пред повеќе од една година, беше дали луѓето можат повторно да се заразат и, ако е така, колку бргу по прележувањето, може да се случи тоа.

Постојат изолирани извештаи за луѓе кои неколку пати се заразиле со вирусот Ковид-19, но новото истражување потврдува дека човечкото тело генерално задржува силен имунитет.

Испитувајќи ги примероците на речиси 200 пациенти, истражувачите откриле дека човечкото тело ја задржува меморијата на Ковид-19 и е подготвено брзо да создаде контранапад ако е повторно изложен на вирусот.

Новото истражување доаѓа во време на зголемена загриженост за нови случаи или мутации во коронавирусите, вклучувајќи ги и оние кои се првенствено идентификувани во Велика Британија и Јужна Африка.

Од пред неколку дена е забележан нов вид коронавирус во седум држави во САД.

Научниците генерално се оптимисти дека човечкиот имунитет може да одговори на новите варијанти на коронавирусот. Сепак, тие истакнуваат дека нема простор за ризикување, па затоа научниците ширум светот проучуваат нови мутации со цел да ѝ обезбедат на јавноста детални податоци за нивните ефекти врз човечкото тело, но и за ефектите врз произведените вакцини.

Scroll to Top