(Видео) Импровизирани рампи, немање тоалети, паркирани возила на места за инвалидитет: Секојдневието на Снежана Караџовска која ги изгуби двете нозе во сообраќајка во Турција

Снежана Караџовска, на која пред шест години по сообраќајна несреќа во Турција ѝ беа ампутирани двете нозе, пред неколку месеци доби протези, и одејќи ја помина целта на трката „Скопје трча 10 километри“. Со ова таа пренесе порака за будење на свеста во општеството за лицата со двојна ампутација. Со помош на нејзината ќерка таа ја пречекори целта и беше пречекана со голем аплауз и од присутните гледачи, но и од учесници на овогодинешната трка.

„Месец април беше месец на лицата со инвалидитет односно без екстремитети, но не помина гласно, па мотив ми беше трката, да се види дека лица како мене постојат и мотото е „Не нè игнорирајте, ние сме тука меѓу вас, не нè блокирајте“, рече Снежана за „Репортер“.

По сообраќајната несреќа Снежана долго време не можела да оди, а за неа докторите велеле дека е медицински феномен, на 57 години повторно да прооди. Таа е прва во регионот што на таа возраст, по ампутација на двете нозе и со помош на помагала, успеала да застане на нозе.

„Желбата да проодам беше голема и пресреќна сум што успеав. Ова е мотив и за лицата како мене да поминат по истиот пат, но пократко од мене“, рече Снежана.

Лицата со попреченост се соочуваат со потешкотии во секојдневното функционирање, вели дека ги немаат основите потреби.

„Ние сè уште зборуваме за рампи, замислете нема сè уште тоалети за нас. Мене ми се случува во денот и по 7 до 8 часа да не пијам вода ако сум надвор бидејќи нема тоалет. Ме иритира импровизираност, импровизирана рампа која е стрмна, со лизгави плочки. Дури и кога ќе наидете на нешто што е добро направено ќе видите дека некој се паркирал. Треба општеството да се едуцира, не само ние лица без екстремитети, туку и другите лица кои користат количка треба да имаат пристап, односно имаме право на достоинствен живот“, вели Снежана.

Благодарна е што за лицата со двојна ампутација им се овозможува користење на протези, но дека тука кај нас треба да се поработи на обуката за користење на протезите за лицата кои ја делат истата судбина како и нејзината.

Процесот на опоравување кај неа е тежок и може да потрае и до една година, за да може да се осамостои, а најголемата поддршка за да успее во тоа ја има од нејзината ќерка, но и од мајка ѝ која лани починала и не успеала да се израдува за неа.

Снежана рече дека следниот предизвик за неа е да почне да оди, но и тоа е процес низ кој треба да помине со помош на терапиите.

Таа вели дека не ѝ пречи нејзината попреченост, туку бариерите на луѓето. Но за тоа да се смени потребна е едукација од најмала возраст кај децата.

„Јас имав прилика неколку пати да присуствувам во градинка и децата беа прекрасни. Тие не прават разлика дали некој нема коса, заби или нозе. Тие тоа го прифаќаат како нешто нормално и ако така се однесуваат уште од мали, ако продолжиме и во основно, тие деца еден ден кога ќе станат возрасни ќе бидат и поинаку ќе гледаат на работите“, раскажува Снежана.

Пораката која ја пренесе до сите оние кои се соочуваат со иста животна приказна како таа, е да бидат храбри, истрајни, силни, но и да имаат волја одат до крај.

„Нека видат луѓето дека постојат лица со двојна ампутација, дека постои можност да се оди, да не се откажуваат најважно од се е да имаат надеж и волја“, порачува Снежана.

Габриела Додевска 

Scroll to Top